Пред реваншот со Реал, Гвардиола се откажува од една многу важна работа која може да го чини Сити дури и елиминација!

Манчестер сити утревечер на свој терен го пречекува Реал Мадрид во реванш-мечот од полуфиналето во Лигата на шампионите, а тренерот на англискиот првак, Пеп Гвардиола, ги кажа своите очекувања.

„Не може да негираме дека ова ќе биде еден од најважните мечеви за нас сезонава. Тоа е поради турнирот, поради противникот, поради многу нешта, а јас на играчите им реков дека треба да уживаат во моментот. Имаме неверојатна среќа што сме тука и од нас зависат работите. Не треба да правиме ништо необично, треба само да победиме и со тоа да се пласираме во финалето. Емоциите ќе бидат на највисоко ниво. Имаме план како треба да играме. Мора да бидеме многу подобри отколку на првиот меч. Реал Мадрид е противник кој заслужува респект, тој е еден од најтешките ривали со коишто сме играле во последните неколку години. Ние го прифаќаме предизвикот“, изјави Гвардиола.

Реал Мадрид и Манчестер сити и минатата сезона играа во полуфиналето од ЛШ, а Кралскиот клуб се пласира во финалето и тоа на драматичен начин. На првиот дуел лани, Сити победи со 4:3, а во реваншот Граѓаните имаа водство од 1:0 во Мадрид до 90-тата минута, но Реал успеа да постигне два погодоци во 90-тата и 90+ минути за да стигне до 2:1 и да се избори за продолженија, каде што мадриѓаните со погодокот на Карим Бензема од пенал стигнаа до победа од 3:1 и пласман во финалето, а потоа и се радуваа на трофејот.

Во пресрет на утрешниот реванш, Гвардиола вели дека нема да му биде потребна среќа, иако токму таа лани беше во голем дел на страната на Реал, па затоа Кралевите и поминаа понатаму.

„Кога дојдов во клубот, никој не ми даде услов дека морам да ја освојам Лигата на шампионите. Ми рекоа да се обидам да го направам најдоброто. Досега ги освоивме сите трофеи, недостасува пехарот од ЛШ. Луѓето велат дека сме блиску, но јас велам дека сме далеку. Мечевите кои следуваат се најтешките. Не сакам утре да имаме среќа. Сакам да победи подобриот тим. Се надевам дека ќе биде така и дека тоа ќе бидеме ние. Сите фудбалери се целосно здрави освен Аке“, рече Гвардиола пред реваншот против Реал Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести