Македонскиот репрезентативец Давид Бабунски во тинјџерските денови имаше уникатна можност фудбалското знаење да го црпи од најпознатата и најдобра фудбалска школа во светот, таа на Барселона.
Бабунски првите фудбалски чекори ги направи во Барселона, каде ги помина сите младински категории. Играше и за Б тимот, но не доби шанса да заигра во сениорскиот состав на каталонскиот гигант. Илјадници деца поминуваат низ школата на Барселона, а малкумина се и оние кои играат во Б тимот, а за да се дојде до сениорскиот состав треба „цел универзум да биде на твоја страна“.
Пред точно 10 години, односно во јануарскиот преоден рок во 2016 година, Бабунски ја напушти Барселона. По неколкуте интернационални искуства, играчот за врска оваа сезона прв пат заигра во македонското првенство и тоа во тимот на Вардар.
Бабунски преку порака на социјалните мрежи потсети за неговите почетоци во Барселона и за тоа што му се случуваше во изминатиов период. Во пораката Давив вели:
„Деновиве се навршуваат 10 години откако го напуштив мојот дом, ФК Барселона, каде што поминав неверојатна деценија од мојот професионален живот. Оттаму, продолжив да уживам во мојата страст за фудбалот низ целиот свет, и какво неверојатно патување беше тоа!
Постојано учам, секогаш се подобрувам, секогаш градам… По патот, бев благословен со прекрасна сопруга и неверојатни три деца, кои секогаш беа покрај мене.
Бидејќи мојата љубов кон играта останува непоколеблива, со нетрпение ги очекувам следните 10 години од мојата кариера со големо возбудување и амбиција, започнувајќи го ова ново поглавје во мојот нов дом, ФК „Вардар“.
Ви благодарам на сите што останавте! Продолжуваме“

