Ривалството меѓу Реал Мадрид и Барселона трае веќе со децении. Тоа се двата најтрофени клуба во историјата на шпанскиот фудбал. И сезонава која се чека да продолжи по пауза од три месеци ќе биде во знакот на овие два клуба. Барселона е лидер со два бода повеќе од Реал и може да се случи во последното коло да се решава кој ќе биде шампион.
Пред 28 години, односно на 7 јуни 1992 година, шампионот се решаваше во последното коло, а за титулата се бореа Реал и Барселона. Кралскиот клуб беше лидер со 54 бодови, а Барселона имаше 53 на второто место. Тогаш за победа се даваа два бода, а ремито вредеше еден бод.
Во последното коло Реал гостуваше кај Тенерифе, а Барселона дома го пречека Атлетик Билбао. Кралевите беа тие кои сами си решаваа дали ќе станат прваци. Мечот на канарските острови почна како од сонишата за Реал. Гостите поведоа со 2:0 благодарение на головите на Фернандо Иеро и Георге Хаџи.
Се чинеше дека Реал ќе биде новиот првак, но тогаш запона чудото на Тенерифе. Домаќините намалија на 1:2 до полувремето. Во исто време, Барселона водеше против Атлетик Билбао, но каталонците освен што требаше да победат, мораа да чекаат кикс на Реал.
Реал преку Луис Миња даде и трет гол, но тој беше поништен поради офсајд. Подоцна беше утврдено едка голот бил даден од регуларна позиција, но во тоа време немаше помош од ВАР технологијата, па погодокот не беше признат. До крајот на мечот Тенерифе успеа да направи чудо и со два гола стигна до победа од 3:2.
Чудото на Канарските острови го искористи Барселона, која победи со 2:0 против Атлетик Билбао и на крајот стана првак со 55 бодови, еден повеќе од Реал Мадрид, кој остана на 54 бодови.