Денешниот датум е многу важен за историјата на Македонија, на 11-ти октомври 1941 година народот ја почна организираната борба против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна, а од пред четири години 11-ти октомври има големо значење и за македонскиот фудбал, бидејќи на тој ден младинската репрезентација ја совлада Шкотска и се пласираше на Европско првенство за играчи до 21 година.
Таа генерација предводена од селектор Благоја Милевски покажа единство, покажа дека во нашата земја има квалитет и дека не треба да си се потценуваме, туку без комплекси да атакуваме против секој ривал и да се бориме за пласман на најголемите натпреварувања.
Тогашните таленти како Енис Барди, Бобан Николов, Висар Муслиу, Дарко Велковски, Егзон Бејтулаи, Ѓоко Зајков, Даниел Аврамовски, Тихомир Костадинов, Дамјан Шишковски, Кире Маркоски, Никола Ѓорѓев, Давид Бабунски, Марјан Радески, сега се редовни или повремени членови на сениорската репрезентација. Елиф Елмас како најмлад меѓу нив, учествуваше на ЕП во Полска во 2017 година.
Некои од овие имиња се стандардни во А тимот и вечерва во Талин ќе се појават на дуелот со Естонија од Лигата на нации. Посакуваме да придонесат за победа, а на 12-ти ноември и да помогнат за Македонија првпат да се пласира на сениорско ЕП во фудбал, па играчите од Златната генерација да се пофалат дека настапиле и за младинско и за сениорско ЕП.