На 16 август 2011, „малата“ Македонија жестоко се бореше со НБА и евролигашките ѕвезди од Шпанија во полуфиналето на Евробаскетот во Литванија, „црвено-жолтите“ дури и водеа минимално по првото полувреме, а на истиот датум седум години подоцна, играме претквалификации за влез меѓу 32-те најдобри во Европа.
Овој 16 септември, не го паметиме по добро. Напротив, на денешен датум во минатото доживеавме два многу болни порази, а актуелните репрезентативци имаат прилика со триумф над Романија да го прекинат малерот кој нè биеше во минатото.
На 16 септември 2006, Македонија загуби во Сараево од Босна и Херцеговина со 72:75, и поради тој пораз, не се пласиравме на ЕП 2007. На тој меч добро се сеќава Јорданчо Давитков, кој и тогаш беше селектор, а и сега е на истата функција. Тогаш загубивме од противник на кој ништо не му значеше победата. Набрзо потоа, Давитков беше сменет од селекторската функција.
Болеше поразот и од Шпанците во 2011, но на тој 16 септември, сите бевме горди што Македонија храбро и првпат се бори за медал на големо натпреварување во еден од најпопуларните спортови. Еуфоријата беше од огромни размери, но тоа сега е минато.
Денешната реалност е дека Македонија води битка за влез во квалификации за ЕП, и потребна е поддршка во „Борис Трајковски“ од 18.15 часот во дуелот со Романците за да ја оствариме целта и полека да се вратиме во друштво на европскиот крем.