Литванецот Паулиус Голубицкас изминатиов викенд доживеа тешка повреда во дресот на Горица. По еден воздушен дуел, Голубицкас доби удар во лицето и заработи скршеница на вилицата и тоа на две места. Со крв на лицето, младиот играч за врска беше изнесен од теренот, а потоа веднаш пренесен во болница, каде што беше и опериран.
Голубицкас денеска беше испуштен од болница, а веднаш замина во клупските простории каде што доби нов договор со четиригодишна важност.
„Пресреќен сум што потпишав договор и благодарен сум на луѓето од клубот за дадената доверба. Едвај чекам да закрепнам од повредата и да ѝ помогнам на екипата на Горица во остварувањето на своите цели“, вели Голубицкас, кој треба да паузира во следните шест недели.