Во последниот ден од групната фаза на Европското првенство во Германија беше видена и најубавата фудбалска приказна. Единствениот дебитант на ЕП 2024, репрезентацијата на Грузија ја победи Португалија со 2:0 и испиша историја.
Тоа е прв триуф за Грузија на едно големо натпреварување, но и победа со која тимот се радува на пласман во осминафиналето. Пред почетокот на ЕП малкумина даваа шанси дека Грузија може да остане на турнирот и по завршување на групната фаза, посебно затоа што беа во група со Португалија, Турција и Чешка.
Сепак, Грузија покажа дека нема страв од никого и дека против секој може фајтерски да одигра и на крајот да ја победи и една Португалија. Следно чудо кое ќе се испречи пред Грузија е големиот фаворит дури и за титулата, репрезентацијата на Шпанија. Без разлика на исходот од тој меч против Црвената Фурија, Грузија веќе е селекцијата херој на ЕП.
А не беше така убаво искуство ЕП за Грузија пред само три и пол години. Во баражот за пласман на ЕП 2020 година, Грузија на свој терен во Тбилиси играше против Македонија. Тогаш целата домашна јавност беше подготвена да се радува на историски прв настап на ЕП, но Македонија ги шокираше.
Горан Пандев даде гол на мечот одигран на 12 ноември 2020 година за победа на Македонија од 1:0 во Тбилиси и шок за Грузија. Македонија отиде на ЕП, а Грузијците останаа да жалат. Сепак, Грузијците не останаа да кикаат и да жалат за пропуштетаната шанса, туку очигледно е дека продолжиле уште посилно и понапорно да работат. Токму затоа, Грузија повторно во бараж за место на ЕП 2024, ја победија Грција и се пласираа на првото големо натпреварување, а сега покажаа дека самото учество не е нивни краен дострел.