Пред згаснување е еден од најстарите и најтрофејни клубови во БиХ

Еден од најстарите и најтрофејни клубови во Босна и Херцеговина, Слобода Тузла, се наоѓа пред колапс. Клубот кој е основан во 1921 година и е симбол на градот Тузла сега се соочува со најголемата криза во повеќе од едновековното постоење.

Иднината на клубот е „на конец“, а навивачите се тие кои се последни во обид да го спасат постоењето на Слобода. Токму фановите под името Фукаре Тузла се огласија со соопштение преку социјалните мрежи. Соопштението го нарекоа „Најважно досега“, а се алармира за долговите кои ги има клубот.

Најголем проблем се побарувањата на поранешниот тренер Златан Налиќ, кој од клубот треба да наплати околу 115.000 евра. Како што велат од навивачката група, Налиќ одбива каков било договор за исплата на рати, што дополнително го попречува тешката финансиска состојба на клубот.

Слобода речиси сигурно ќе испадне од лигата, а навивачите ги обвинуваат и градските власти затоа што не презеле ништо да се спаси спортскиот бренд на Тузла.

Слобода Тузла со децении беше гордоста на градот. Најголемите успеси овој клуб ги има постигнато со настапите во лигата на поранешна Југославија. Во сезоната 1976/77 заврши на шестото место на табелата и обезбеди настап во Купот на УЕФА. Во тоа натпреварување играше против германскиот тим на Хамбургер предводен од легендарниот Кевин Киген. На мечот во Тузла, Слобода победи со 3:2, што е еден од највредните триумфи во историјата на клубот.

Сезонава, по 26 кола, Слобода Тузла е „закована“ на последното место само со седум бода.

 

- Оглас -

Најнови вести