Фудбалската репрезентација на Македонија во четврток ќе ги дознае противниците за новото издание на Лигата на нациите на УЕФА. Нашата репрезентација повторно ќе игра во Ц дивизијата, а во ждрепката влегува како најдобра од третиот шешир, во кој се уште и селекциите на Словачка, Северна Ирска и Кипар, што би значело дека против нив сигурно нема да играме.
Од првиот шешир можни противници се репрезентациите на Романија, Шведска, Ерманија и Луксембург, додека од вториот може да се паднеме со Азербејџан, Косово, Бугарија или Фарски Острови.
Од последната квалитативна група можни противници на Македонија се Белорусија, Естонија, Летонија и победникот од баражот помеѓу Литванија и Гибралтар кој ќе се одигра во март.
Влогот за Македонија во новото издание на Лигата на нациите е да се освои првото место во групата и да се чека шанса за пласман во баражот за Светското првенство бидејќи натпреварувањето оваа година е врзано со квалификациите за Мундијалот.
Во главните квалификации за Светското првенство ќе има 12 групи, а Европа има 16 места за Мудијалот. Победниците од секоја група ќе обезбедат пласман на светскиот шампионат, додека второпласираните заедно со најдобрите четири победници на групите од Лигата на нации кои не завршиле први или втори во групата од главните квалификации ќе играат во баражот за последните четири места кои ѝ припаѓаат на Европа.
Оваа година Лигата на нации ќе се игра од септември до ноември, додека главните квалификации за Светското првенство ќе бидат идната, 2025 година, па репрезентациите нема да имаат простор за калкулации во новото натпреварување на УЕФА.