Прекрасен е фудбалскиот ноември за Македонија, денеска ни гостува гигант

Ноември е месец на фудбалот во Македонија  и ќе го паметиме по два големи успеси во последно време, а денеска како шлаг на тортата во Скопје гостин ни е фудбалскиот гигант Франција.

Во младинска категорија за играчи до 21 година ни гостуваат талентите на Галските петли на меч што ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје од 18.30 часот.

Французите во моментов се Топ-5 на светот во категоријата за фудбалери до 21 година, а имињата на Камавинга од Реал Мадрид, Калимуендо од Рен, Черки и Какере од Лион, Диоп од Монако, Адли од Баер Леверкузен и уште дузина големи таленти коишто играат во познати клубови или за нив се интересираат и најголемите европски гиганти.

Македонија го загуби првиот меч во Ле Ман со 3:0, но има и убави спомени од квалификациски циклус за настап на ЕП против Французите.

Во 2015 година ремизиравме 2:2 со тогаш уште помоќната селекција на Франција за играчи до 21 година, па во Ле Ман следната година одигравме 2:2 и во 2017 година настапивме на првото Европско првенство во која било возрасна категорија, и тоа во Полска.

Ноември ни е во пријатни спомени и по големиот успех лани на А селекцијата. Во Тбилиси на 12 ноември ја победивме Грузија со 1:0 во нокаут-меч за пласман на ЕП и за првпат годинава настапивме на континентален шампионат за сениори.

Со две победи месецов, против Ерменија на гости со 5:0 и со Исланд дома со 3:1, обезбедивме настап во дополнителните баражи за пласман на Светското првенство во Катар, па подвиг денеска против Франција би бил уште еден голем успех на македонскиот фудбал.

Франција е лидер во нашата квалификациска група за настап на младинското ЕП во 2023 година. Триколорите по пет одиграни меча имаат 13 бода, пред Украина со 10, Македонија и Фарски Острови со по 6, Србија со пет и Ерменија со три бода.

 

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести