Синиша Михајловиќ ги изненади сите минатиот викенд кога одлучи да се појави покрај аут линијата и да ја води својата Болоња на гостувањето кај Верона, дуел кој заврши со реми од 1-1. Иако лекарите му препорачаа да одмора сè додека трае терапијата која треба ја спречи леукемијата, легендарниот српски ексфудбалер не ги послуша, а денес стигнаа убави вести од Италија кои тврдат дека Михајловиќ е пуштен од болница.
Во следниот период Михајловиќ претежно ќе биде дома и по совет на лекарите треба да одмора што повеќе, сè додека не дојде време да се започне новата фаза на лекувањето. Тоа значи дека првиот дел од терапијата кој траеше 43 дена помина според планот, а што е уште поважно, Михајловиќ и овој викенд ќе се најде на клупата на Болоња во мечот против Спал.
Дуелот од второто коло во Серија А е закажан за петок во 20:45 часот, на кој големиот борец уште еднаш ќе покаже дека болеста не е поголема од неговата страст кон фудбалот.