Премиерлигашите ставаат забрана за Њукасл да добива многу пари!

Екипите од најсилната англиска лига на итен состанок, со 18 гласови „за“, само еден против (тој на Њукасл) и воздржан Манчестер сити, донесоа одлука за привремено да се сопрат спонзорските договори со фирмите кои може да бидат поврзани со газдите на клубовите.

Тоа е директен удар за Њукасл, клубот кој од пред 10-тина дена доби нов сопственик. Инвестицискиот фонд на Саудиска Арабија на чело со Принцот Мухамед го купи Њукасл и во најава е дека тоа ќе биде клубот кој ќе троши најмногу пари за нови засилувања.

Планот на новиот газда на Њукасл беше да „вбризга“ пари преку договори со нафтените компании кои се сопственост на Инвестицискиот фонд на Саудиска Арабија. Според 18 од 20-те премиерлигашки клубови, Њукасл на тој начин ќе добие значителна предност во однос на сите останати кога ќе се работи за купување нови играчи и склучување договори.

Само газдите на Манчестер сити беа воздржани бидејќи и тоа е клуб кој е сопственост на Абу Даби јунајтед групацијата, а спонзор им е „Етихад“, компанија која е во сопственост на Абу Даби јунајтед групацијата. Според правилата на Премиер лигата, клубовите ќе може во тригодишен период да имаат максимални загуби од 105 милиони фунти.

„Доколку не го донесевме ова правило, ништо немаше да го спречи Њукасл да го продаде името на стадионот на пример за 100 милиони фунти на некоја фирма од Саудиска Арабија, а потоа тие пари да ги искористи за доведување нови играчи. Со тоа ќе се заобиколи правилото за финансискиот ферплеј“, се вели во образложението за доведувањето на новото правило.

Новите газди на Њукасл во следниот преоден рок може да потрошат и до 200 милиони фунти, но најавите се дека ќе потрошат само околу 60 милиони фунти за да доведат играчи со кои клубот ќе обезбеди опстанок во Премиер лигата. По осум одиграни кола, Њукасл уште нема ниту една победа и само со три бода е на претпследното 19-то место на табелата.

 

- Оглас -

Најнови вести