Манчестер сити и Ливерпул се во мртва трка за титулата во Премиерлигата, а од основањето на елитната англиска лига сезонава имало најмногу промени на врвот на табелата.
Двата кандидати за титулата се менуваа дури 29 пати како лидери, што е рекорд во англиското првенство.
По денешната победа против Барнли, актуелниот првак Манчестер сити има предност со 92 бода, еден повеќе од Ливерпул. До крајот и двете екипи имаат уште по два меча.
Манчестер сити на 6. мај ќе му биде домаќин на Лестер, а на 12. мај ќе ја заврши авантурата во Премиерлигата со меч на гостински терен против Брајтон. Граѓаните потоа имаат и меч за уште еден пехар, финалето во ФА купот со Ватфорд на „Вембли“ на 18. мај.
Ливерпул во следното коло ќе му гостува на Њукасл на 4. мај, три дена претходно го игра првиот полуфинален меч во Лигата на шампионите со Барселона, па ги чека реванш со Каталонците на 7. мај и за крај на сезоната ги чека последниот натпревар во Премиерлигата со Вулверхемптон на домашен терен на 12. мај.