Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, од трибините во Хамбург го следеше мечот против Албанија (2-2), па веднаш по судиската свирка се симнал на теренот за да поразговара со селекторот Златко Далиќ и со фудбалерите. Тој за хрватските медиуми му даде поддршка на селекторот и рече дека ја обожава оваа генерација.
„По 0-1, се вративме на 2-1. Беше одличен натпревар. Мала деконцентрација и заврши 2-2. Сега се видов со Далиќ, ги охрабрив и него и фудбалерите. И нему му е криво, но тоа е фудбалот, се случува. Ја обожавам оваа генерација. Европските првенства очигледно не ни лежат, но првенството продолжува. Нема да биде првпат оние кои играат лошо во групите, на крајот да бидат први“, рече Пленковиќ.
Хрватска по поразот од Шпанија со 0-3 и големиот кикс со Албанија, 2-2, е пред елиминација од Европското првенство, па шансата за осминафинале ќе мора да ја бара против Италија во петок.