Рафаел Надал ја надмина бројката од 1.000 победи во кариерата и сигурно гази кон ново финале на турнир во Париз. Овојпат не се работи за неговиот омилен Ролан Гарос, туку за Мастерс турнирот во главниот град на Франција.
Во претходните три дена, Шпанецот одигра два многу тешки меча против сонародниците Лопес и Карењо-Буста, но на крајот излегуваше како победик во мечеви кои траеа по два и пол часа. Надал во денешното полуфинале ќе игра против Александер Зверев, тенисер кој е во одлична форма.
Германскиот тенисер нареди 11 победи во низа и со голема самодоверба го очекува мечот со Надал. Овие двајца тенисери меѓусебе играле шест пати, а Надал победил во пет средби. Сепак, последниот меч, одиграл лани во ноември го доби Зверев со 2:0 на завршниот турнир во Лондон.
„Кога играш против Надал секогаш мора да играш внимателно и паметно. Можеби тој е најдобриот дефанзивец во историјата на тенисот. Среќен сум што ќе играм против него во полуфиналето“, рече Зверев.