Французинот Н’голо Канте беше прогласен за најдобар играч на натпреварот Челзи – Реал Мадрид, ги неутрализира славниот среден ред составен од Каземиро, Крос и Модриќ, трчаше како навиен, го имаше секаде, ги почна двете акции за головите и ја направи разликата која им помогна на лондонските Сини да се пласираат во финалето на Лигата на шампионите.
Тренерот Томас Тухел за Канте вели дека е „подарок“. Играта на Канте е уште поимпресивна ако се знае дека тој поради рамазанскиот пост ништо не јаде и не пие повеќе од 15 часа.
Канте е роден во Париз во 1991 година, каде што неговите родители 11 години претходно мигрирале од Мали. Како дете останал без татко, мајка му била чистачка и во париското предградие живееле многу скромно. За да преживеат, Канте како дете собирал смет, кој потоа го продавал. За време на СП во 1998, тој како „ѓубреџија“ заработил солидна сума пари бидејќи собирал смет од големите плоштади на кои масовно се гледаа натпреварите. Титулата која ја освои Франција на тоа СП, придонесе за раст на популарноста на фудбалот и во близина на домот на Канте била отворена академија, во која тој почнал да тренира и така почна неговиот фудбалски пат.
Чекор по чекор напредуваше, се прослави во 2015 година, кога со Лестер ја освои Премиер лигата. Една година потоа замина во Челзи, но славата не му удри во глава. И противничките навивачи го почитуваат поради односот кој го има. Во 2018 година стана и светски првак со Франција.
Но, Канте не се однесува како некоја ѕвезда, иако со играта на теренот заслужи и да се однесува така. Тој е скромен, срамежлив, па иако заработува милиони фунти годишно, не вози „бесна кола“. По завршувањето на средбата, тој си замина дома со „мини купер“, автомобил кој чини околу 20.000 евра (Канте неделно заработува седум пати повеќе од тоа), тој вози најевтин автомобил од сите фудбалери на Челзи, а навивачите нему му пееја најмногу.
N’Golo Kante, after producing a man-of-the-man performance to help Chelsea reach the Champions League final, leaves Stamford Bridge in a Mini.
What. A. Guy. pic.twitter.com/4vXldvKFF4
— Adam Newson (@AdamNewson) May 5, 2021