Русија и Украина за првпат ќе играат меѓу себе во фут сал, сега во полуфиналето на Европското првенство, што им создава многу главоболки на организаторите на шампионатот.
Футсал пресметката доаѓа во незгодно време, кога двете земји се на работ на војна и во ситуација кога Европската футсал федерација нема многу избор и не може да спречи мечот закажан за 4 февруари да се одигра во Амстердам.
Русите денеска ја победија Грузија со 3:1, а претходно Украина беше подобра од Казахстан со 5:3 и си обезбеди настап во полуфиналето токму против соседот, со којшто имаат многу проблеми на политички план.
Речиси сите светски и европски федерации внимаваат при ждрепката за големите натпреварувања и не дозволуваат меѓусебни дуели на Русија и Украина, освен ако во текот на турнирот, како сега, не се намести распоредот тие да играат меѓу себе.
Во второто полуфинале ќе игра Португалија со победникот од последното четвртфинале меѓу Шпанија и Словачка.
Тој меч е во тек и по првото полувреме Шпанија води со 3:0 во „Зиго дом“ во Амстердам.