Главниот град на Хрватска, Загреб, ќе добие нов фудбалски стадион кој ќе биде дом на шампионот Динамо, но и прва опција за играње на националната репрезентација. Според презентираниот план, сегашниот стадион „Максимир“ ќе биде срушен, а на негово место ќе се изгради нов модерен стадион кој треба да биде пуштен во употреба во 2029 година.
Според направениот план, изградбата на новиот стадион треба да чини околу 175 милиони евра, а капацитетот да биде околу 35.000 седишта.
„Ова е историски чекор. Овој проект ми е многу важен како навивач, граѓанин и градоначалник. Горд сум што конечно ќе го решиме овој проблем. Ќе се руши стариот стадион и ќе биде изграден нов. Решението е новиот стадион да биде на местото на кое е актуелниот ‘Максимир’. Новиот стадион ќе има капацитет за 35.000 гледачи и ќе ги има сите дозволи од УЕФА за одржување на мечеви од највисок ранг. Проценката е дека новиот стадион ќе чини околу 175 милиони евра“, рече градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ.