Пресврт – Катарците не го даваат Чави: Тој е наш тренер и така ќе остане

Чави Ернандес треба да биде нов тренер на Барселона, но од неговиот сегашен клуб Ал Сад од Катар велат дека тоа нема да се случи.

Во целата хаотична ситуација по отказот за Роналд Куман шпанските медиуми објавија дека Чави ќе биде новиот тренер на Барселона, иако никој не го праша раководството на неговиот сегашен клуб.

Од Ал Сад се јавија со соопштение и велат дека Чави ќе остане тренер кај нив до завршувањето на договорот што му трае уште две години.

„Во екот на многуте шпекулации што ги има во последните денови нашиот клуб, Ал Сад сака да порача дека Чави има актуелен договор со нас уште две години. Потполно е фокусиран на работата тука и целта е да се одбрани титулата во катарското првенство“, објавија од Ал Сад на социјалните мрежи.

Претходно Жоан Лапорта со неколку изјави ги подгреа и надежите дека Чави ќе биде новиот тренер на Барселона и дека легендата на клубот се враќа дома.

До евентуалното именување на Чави како нов тренер, или евентуално друго решение Барселона од клупата ќе ја предводи Сержи Бархуан.

Како привремено решение, Бархуан ќе дебитира денеска на мечот против Алавес на „Камп Ноу“ од 21 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести