Пресврт на Денвер во финишот против Голден стејт, познати паровите за НБА-купот

Рано утрово во НБА-лигата се одиграа 11 натпревари, по кои дефинитивно е познато кои се четвртфиналните двојки за НБА-купот. На Западот ќе играат Оклахома сити – Далас и Хјустон – Голден стејт, а на Истокот ќе се сретнат Милвоки – Орландо и Њујорк – Атланта.

Четвртфиналето се игра на 10 и 11 декември, полуфиналето на 14, а финалето е на 17 декември на неутрален терен во Лас Вегас.

Најинтересниот меч се одигра во Денвер, каде што Нагетс предводени од Никола Јокиќ, кој имаше 38 поени и 10 скока, го победија Голден стејт со 119-115, иако гостите имаа 11 поени предност на шест минути до крајот и шест поени предност на две и пол минути пред крајот. За Вориорс ова е петти пораз по ред.

Далас со вајлд-карта влезе во четвртфиналето благодарение на победата над Мемфис од 121-116 иако Гризлите водеа со 15 поени разлика на почетокот на последната четвртина. Лука Дончиќ имаше 37 поени, 12 скока и по четири асистенции и украдени топки. Ако Далас загубеше, Феникс ќе одеше во нокаут-фазата на НБА-купот.

Директен дуел за влез во плејофот на НБА-купот се одигра во Детроит, каде што домашните беа поразени од Милвоки со 128-107.

За да добие вајлд-карта за НБА-купот, на Орландо му требаше да не загуби од Њујорк со 37 поени разлика или поубедливо. Магичните се препотуваа бидејќи во еден момент од третата четвртина се најдоа во негатива од 37 разлика, но последната четвртина ја добија убедливо, па на крајот имаа поднослив пораз од 106-121 и со тоа Бостон ги загуби шансите да биде меѓу осумте кои ќе се борат за пехарот во купот. На Бостон му требаше каква било победа на Орландо или победа на Никс барем од 38 разлика.

- Оглас -

Најнови вести