Репрезентацијата на Хаити се пласираше во полуфиналето на Голд купот, и на 3 јули ќе игра со фаворитот Мексико, а интересно е што оваа островска земја која се наоѓа јужно од Куба, а копното го дели со Доминиканската република, три од четирите меча ги одигра со пресврт „еден во два“.
За само 12 дена, Хаити направи дури три пресврти и доби три меча на кои губеше по првото полувреме. Против Бермудските острови и Костарика губеа со по 0-1 по првите 45 минути, а на крај победуваа 2-1, а рано утрово против Канада триумфираа со 3-2, откако „јаворовите листови“ имаа предност од 2-0 по првото полувреме. Само против Никарагва, Хаити славеше чисто без примен гол, со рутински 2-0.
Ако се знае дека квотите во обложувалниците за пресврт се од 30 па нагоре, ако игравте на тоа, тогаш селекцијата на Хаити ви донесе одлични добивки. Оние најхрабрите можат да се обидат да одиграат на пресврт и против Мексико, квотата ќе биде огромна, но тоа ќе биде тешко остварливо, со оглед на силата на Мексиканците.