Јужноамериканскиот фудбал изминативе денови се соочува со скандалот предизвикан за време на дербито меѓу Бразил и Аргентина, кога бразилските служби од националната здравствена организација влетаа на теренот и го прекинаа мечот поради тоа што меѓу Гаучосите имаше фудбалери кои го прекршиле протоколот за ковид-19.
Голманот Мартинес, Ло Селсо, Ромеро и Буендија беа фудбалерите поради кои настана инцидентот откако претставниците на Анвиса влетаа на теренот со цел да ги отстранат и да ги депортираат од Бразил. Поради тоа сега има расправија околу тоа која Федерација направи грешка, додека пак ФИФА го разгледува случајот пред да ги одреди санкциите.
Во меѓувреме се појавија информации дека претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, интервенирал за мечот да продолжи со игра иако се прекина уште во шестата минута. Како што информираат бразилските медиуми, Болсонаро контактирал со Федерацијата на Бразил и посакал да се доигра натпреварот, но тоа било невозможно бидејќи аргентинските репрезентативци веќе биле вратени во својата соблекувална, додека пак судијата Валенцеула го суспендира натпреварот.