Претседателот на Фенербахче, Садетин Саран, имал позитивен тест за кокаин и ова предизвика голем скандал во Турција.
Бил земен промерок од косата на првиот човек на Фенер и проверката дала позитивен резултат на кокаин. Извештајот веќе е испратен до Главното обвинителство во Истанбул.
Во рамките на истрагата, Саран минатиот петок бил повикан да даде исказ за обвиненијата за „обезбедување дрога, користење дрога и олеснување на користење дрога“. Судот го ослободил, но со мерка за судска контрола – забрана за патување во странство.
Саран излезе со официјално соопштение во кое категорично негира дека некогаш употребувал кокаин:
„Прво и најважно, сакам јасно и недвосмислено да кажам дека супстанцата за која се тврди дека тестот на Институтот за судска медицина е позитивен никогаш не сум ја користел во животот. Дури не сум ја ни видел одблизу. Овие тврдења претставуваат отворена кампања за омаловажување насочена кон мене, со цел да ми се наштети лично и да се дискредитираат институциите што ги претставувам. Во текот на овој процес сакам да нагласам дека сум подготвен веднаш и без двоумење да обезбедам какви било нови тестови. Дополнително сите поврзани тестови ќе бидат извршени што е можно побрзо во независни лаборатории со меѓународна акредитација, а резултатите ќе ѝ бидат презентирани на јавноста. Немам никакви сомнежи дека вистината ќе се утврди преку научни методи, согласно универзалните стандарди“, вели Саран.

