Претседателот на Филаделфија предлага тројките во НБА да се бројат како 2,5 поени!

Претседателот на 76-ките од Филаделфија, Дерил Мори, предлага во НБА лигата да се укине шутот за три поени, и кошевите кои ќе бидат постигнати од далечина да се бројат како 2,5 поени, а не три како сега. Мори сака да гледа помалку шутеви за три поени, па се залага за радикални промени.

„Многу кошаркари повеќе сакаат да шутнат тројка, отколку да играат поблиску до кошот. Мислам дека шут за три поени е преголем бонус во однос на кошевите за два поени. Вака речиси не е можно да се победи и да освои титула со игра во рекет. Би требало да има 2,5 поени како компромисно решение“ – изјави Мори.

Мори дава уште еден предлог за размислување.

„Добро би било ако може да ги реконструираме арените. Теренот треба да биде поширок, за тројките од агол да бидат од поголема далечина. Но, за ова ќе треба 25 години“ – вели Мори, на кого во минатото кога беше во Хјустон рокетс, не му пречеа тројките.

Сиксерс е 28-ми во НБА според бројот на шутнати тројки, иако пред сезонава ги донесоа шутерите Сет Кари и Дени Грин. И со ефикасна игра од рекет во која доминираат Ембид, Херис и Симонс, Филаделфија е прва на Истокот.

Дека навистина тројките носат успех во НБА, потврдува дека од осумте најдобри тимови во лигата, само Филаделфија и Лејкерс не се на првите шест места според процентот на реализација на шутевите за три поени. Десетта сезона по ред, бројот на шутнати тројки се зголемува.

 

- Оглас -

Најнови вести