Репрезентациите на Србија и на Албанија во сабота во Лесковац ќе го одиграат одлучувачкиот натпревар за пласман на втората позиција во групата и место во баражот за пласман на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.
„Србија има само неколку квалитетни фудбалери. Ние имаме добар тим, кој може да се носи со секој противник. Верувам дека можеме до позитивен резултат во Србија ако го имаме предвид квалитетот со којшто располагаат. Од спортски аспект ова е многу важен натпревар. Имавме состанок со екипата и баравме концентрација и смиреност. Двете екипи очекуваат победа, а ќе победи екипата која ќе биде помирна и која ќе знае да го цени спортот, а не другите притисоци кои се неизбежни. Се надевам дека Србија има уште поголем притисок од нас. Имам голема доверба во нашата екипа“, вели претседателот на Фудбалскиот сојуз на Албанија, Армандо Дука.
Србите одлучија натпреварот да се игра во Лесковац, на стадион на којшто ќе има само 6.500 гледачи, а билети воопшто нема во продажба.