Претседателот на Лацио подготвен на ризик, но дали Јувентус би прифатил ваков предлог?

По повеќе од еден месец немање фудбал во Италија, синоќа Владата на оваа земја одлучи дека од 4 мај ќе може повторно да се активираат тренинзите на екипите. Во првите две недели дозволено е да има индивидуални и тренинзи во помали групи, а потоа ќе може целиот тим да се собере на едно место и да започнат вистинските подготовки пред стартот на продолжувањето на сезоната.

Пред прекинот на првенството, Јувентус беше лидер со 63 бода, еден повеќе од второпласираниот Лацио, а трет е Интер со 54 бода и меч помалку. Се очекува фудбалските возбудувања во Серија А да продолжат на крајот од мај или почетокот на јуни.

Претседателот на Лацио, Клаудио Лотито, е познат по своите контроверзии, а и за оваа ситуација има интересен предлог кој го прифаќа, но од Јувентус треба да кажат дали се за таква варијанта.

„Јас би прифатил и да играме само еден меч со Јувентус и да одлучиме кој ќе биде шампион за сезоната 2019/20. За мене тоа никогаш не било проблем. Продолжувањето на сезоната е на наша штета. Ние ја жртвувавме Лигата на Европа за да играме помалку мечеви и да бидеме посвежи за настапите во Серија А. На тој начин ние требаше да играме по еден меч неделно, а нашите ривали ќе имаа по два натпревари неделно. Ако првенството продолжи, и ние ќе играме по два меча неделно и на тој начин ќе ја загубиме предноста која ќе ја имавме“, вели Лотито.

Јувентус е доминантен во Италија и шампион во последните осум сезони, што е најдолга низа на еден тим во Топ 5 лигите во Европа. Лацио во клупската историја само двапати бил шампион на Италија, а последен пат тоа се случи во 2000 година, што значи дека фановите на римскиот тим цели 20 години чекаат да се израдуваат на Скудетото.

Сезонава Лацио двапати успеа да го победи Јувентус, па затоа не е и ни чудно зошто претседателот на Небесносините би прифатил еден меч да го реши шампионот на оваа необична сезона во Серија А.

- Оглас -

Најнови вести