Претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Келаифи, изјави дека никогаш нема да го продаде Килијан Мбапе и дека преговара со Лионел Меси. Со овие зборови, тој ги загрижи фановите на Реал Мадрид дека можеби нема да го добијат посакуваното засилување, додека Каталонците стравуваат дека богатиот Катарец ќе им го купи најдобриот фудбалер во клупската историја и икона на Барса.
„Големите играчи сакаат да играат за ПСЖ. Меси е фантастичен, на Лапорта му кажав дека секој клуб има право да преговара со Меси бидејќи договорот му истекува наскоро. Секој може да го доведе за новата сезона“, вели Ал-Келаифи.
Меси е врзан за Барса до крајот на месецов и уште нема одлучено дали ќе остане во Барселона или ќе си замине и првпат ќе заигра за друг клуб. ПСЖ ја разочара Барса и со тоа што им го зеде Џорџињо Вајналдум, за кого се мислеше дека од Ливерпул сигурно ќе се пресели на „Камп ноу“, но Холанѓанецот се премисли и ја прифати финансиски побогатата понуда.
Ал-Келаифи ги олади и фановите на Реал. Мбапе со ПСЖ има договор до јуни 2022 година, па на Светците повеќе им одговара летово да го продадат за да не им се случи следното лето Килијан да замине без обесштетување.
„Никогаш нема да го продадам Мбапе, ниту ќе дозволиме тој да си замине бесплатно. Тој следните години сигурно ќе ја освои Златната топка, фантастично момче е. Имаме напредок во преговорите, сигурен сум дека останува кај нас“, рече Ал-Келаифи.
По овие зборови, се чини дека единствената шанса за Реал да го добие Мбапе е ако ПСЖ купи друга супер ѕвезда како Меси или Кристијано Роналдо.