Пари Сен Жермен денеска има голем предизвик, а тоа е дуелот против Баерн Минхен, во четвртфиналето на Светското клупско првенство. Во пресрет на овој меч, претседателот на ПСЖ, Насар Ал-Хелаифи уште еднаш потсети дека во редовите на актуелниот француски и европски првак игра фудбалерот кој треба да ја добие Златната топка во 2025 година.
„Со неверојатната сезона што ја имаше, нема сомнение дека Усман треба да ја освои. Ако не ја освои, нешто не е во ред. Направи сè што е можно“, смета првиот човек на Светците, осврнувајќи се на одлучувачкото влијание на францускиот репрезентативец врз овогодинешните европски шампиони со 33 гола и 15 асистенции.
Запрашан за новиот формат на Светското клупско првенство и зафатениот календар на натпревари, претседателот на парискиот клуб имаше позитивна реакција.
„Секако кога организирате ваков турнир, има работи што не се идеални, но генерално тоа е нешто прекрасно – нов пазар за фудбалот, за брендот, за клубот како целина. Не разбирам зошто луѓето го критикуваат овој турнир. Клубовите и играчите никогаш порано не играле на Светско првенство, мора да размислуваме позитивно“, вели Ал-Хелаифи.