Реал Мадрид официјално објави дека претставувањето на Килијан Мбапе како нов играч на Кралскиот клуб ќе се одржи на 16 јули во 12 часот.
На стадионот „Сантијаго Бернабеу“ се очекува да има 80.000 фанови, а чудна е малку одлуката „фештата“ да се одржи напладне бидејќи ќе биде многу топло, прогнозите за вторник се дека во Мадрид температурата ќе биде 34 степени. Покривот ќе биде затворен, но сепак ќе „гори“ на трибините.
Претходно ќе се случи церемонија на официјално потпишување на петгодишниот договор, а откако Мбапе ќе ги поздрави навивачите, ќе одржи и прес-конференција.
Реал објави и дека Мбапе ќе го носи дресот со бројот 9. По заминувањето на Карим Бензема, деветката беше слободна, не ја носеше никој минатата сезона.
Ќе има и други новини кај броевите во Реал. Камавинга, кој досега носеше 12-ка, во следната сезона ќе има дрес со бројот 6, кој досега го имаше Начо. Валверде ја менува 15-ката за осумката, која ја имаше Крос, а Чуамени ја напушта 18-ката и ќе носи број 14, кој минатата сезона беше кај Хоселу. Ѓулер, кој играше со број 24 минатата сезона, сега ја добива 15-ката на Валверде.