Прифатил работа во четвртолигаш мислејќи дека го бараат за тренерската позиција во Шалке

Oваа фудбалска приказна е една од ретките која може добро да ве насмее, а доаѓа од германската четврта лига. Станува збор за спортскиот директор на клубот СГ Ватеншајд, Питер Нојрурер, и неговиот разговор со поранешен член на одборот на директори во Шалке 04, Џосеф Шусенберг.

Имено, Нојрурер добил повик од Шусенберг, кој му ја нудел позицијата на спортски директор во таборот на четвртолигашот Ватеншајд, но Нојрурер уште пред да ја слушне целата понуда без размислување прифатил. Сепак, иако тој мислел дека го бараат да биде тренер на првиот тим на екипата од „Велтинс арена“, понудата немала допирна точка со Шалке.

„Прифаќам“, се залетал Нојрурер и при тоа се согласил да зема далеку помала плата од просечен тренер во Бундеслигата. Тој не знаел дека всушност Шусенберг веќе извесно време не работи во таборот на Шалке, туку презел одговорност во германскиот четвртолигаш.

„Во периодот кога Шалке му врачи отказ на тренерот Доменико Тедеско, Џосеф ми се јави и ми понуди работа да помогнам во развојот на клубот. Потоа ми посочи дека не треба да преговарам за плата и да прифатам онолку колку што ќе ми понудат. Без размислување се согласив, и ветив дека ќе бидам 100% посветен на работата, но дека пласман во Лигата на шампионите ќе биде цел која тешко ќе можам да ја остварам. Кога му го кажав тоа, Џосеф онеме, а потоа ми објасни дека не работи во Шалке и дека ми нуди директорска позиција во Ватеншајд. Бидејќи сум човек од збор и веќе претходно прифатив, мојата одлука остана иста и така станав спортски директор на Ватеншајд“, откри Нојрурер.

И навистина е така. Нојрурер е човек од збор и сега работи како спортски директор во таборот на четвртолигашот Ватеншајд. Инаку, во неговата тренерска кариера предводел неколку клубови од Бундеслигата како Бохум, Херта, Хановер, Келн, а две сезони бил тренер и на тимот од Гелзенкирхен.

 

 

- Оглас -

Најнови вести