Македонецот Златко Ристески од Велес и Украинецот Марјан Пастерник од Лвов се двајца пријатели кои се и први соседи според работното место во Прага. Ристески е нашинец кој пред две години со своето семејство решил да се пресели во Чешка и тука да егзистира, а случајно го сретнавме додека шетавме во близина на познатиот Карлов мост.
„Нема турист, а да не помине од тука. Во последниве неколку дена видов повеќе Македонци кои се дојдени специјално за натпреварот против Украина. Мило ми е што токму тука се погоди да се игра овој дуел и веднаш кога ги пуштија билетите, купивме. Собирот на околу 1.000 македонски навивачи ќе биде во близина на стадионот, а потоа сите заедно ќе влеземе на трибини за да навиваме“, вели Ристески, кога во муабетот се вклучи и Украинецот Марјан.
Тоа е човекот кој е прв сосед на Златко на работното место. Двајцата пријатели веќе неколку дена дебатираат за фудбалскиот меч и секако секој „влече“ на својат страна.
„Ќе победиме“, оптимистички вели Златко, а потоа веднаш Марјан возвраќа „Не, ние ќе победиме“. За да нема лутење, падна и облог, а тоа е оној чија селекција ќе загуби, да го почести вечера пријателот. Двајцата се согласија дека тоа е фер понуда.
Инаку во Прага е многу поголем бројот на Украинци. Марјан во Прага живее повеќе од 20 години, но бидејќи се дружи и со Македонци, Срби, Бугари, многу добро го има совладано и нашиот јазик, па одлично можевме да се разбереме.
Веруваме дека Златко утре ќе има двојна причина за задоволство, а тоа е Македонија да победи против Украина, а со тоа и да го добие облогот со неговиот украински пријател. Како и да биде резултатот на крајот, пријателството меѓу Златко и Марјан останува.