Победа со предност од 1-0 го почнува реванш-мечот со Шкендија денеска, во Битола, од 13 часот, а елиминација на актуелниот бранител на трофејот во Македонскиот куп би ги решил проблемите кај прилепчани.
Двете екипи зачестија со меѓусебните средби во последно време, а Победа приреди две изнанедувања против Шкендија, со триумф во првенството и во првиот меч од Купот. Но, потоа стигнаа и проблемите кај прилепчани.
Покрај тоа што долго играат како домаќини на различни стадиони низ Македонија, ги тресе и финансиска и резултатска криза. Нанижаа пет порази по ред, го сменија тренерот Мегленски, па поранешниот македонски репрезентативец Јане Николоски ќе се обиде да најде лек за елиминација на моментно најдобрата екипа кај нас.
Шкендија пред две недели ја надигра Победа на „Кукуш“ во Турново и ќе се обиде да стигне барем до идентичен триумф од 2-0, за да ја продолжи одбраната на круната во Купот.
Идентична предност како Победа има и Македонија Ѓорче Петров пред реваншот со Работнички. Скопското дерби ќе се игра на националната арена „Филип Втори“, исто така од 13 часот.
Во истиот термин Беласица во Струмица ќе се обиде да ја запечати предноста од 2-0 против Силекс по триумфот на првиот меч во Кратово, а два гола предност има и Академија Пандев против Кораб. Дебарчани се единствениот тим во октетот најдобри што не се прволигаши и ќе се обидат на свој терен да приредат подвиг и да анулираат негатива од 1-3.