Прими 10 гола од Баерн Минхен: Магационер зеде неплатен одмор за да го запознае Мануел Нојер

Фудбалерите на Оукленд се во фокусот на Светското клупско првенство, но не поради својата игра, туку поради фактот дека примија дури 10 гола од Баерн Минхен. Се работи за најдобриот тим во Океанија, но тоа е екипа која е составена од аматери.

Играчите на Оукленд покрај фудбалот, имаат и „нормални“ работни места, па така голманот кој мораше да ја вади топката од својата мрежа дури 10 пати, Конор Трејси, е магационер.

И покрај тоа што прими дури 10 гола, 28-годишниот голман на Оукленд не е многу разочаран. Тој дури е и среќен затоа што имаше можност на еден меч да брани, а на спротивната страна на голот да е Мануел Нојер, еден од најдобрите голмани во светот во изминативе 15-тина години.

Трејси открива дека му се исполнил сонот кога се поздравил со Нојер. Голманот на Оукленд за да дојде во САД и да игра, морало да земе неплатен одмор од ветеринарската фармацевтска компанија каде што работи како магационер.

„Знам дека ќе биде тешко да ја платам киријата и сметките за овој месец, но за да бидам дел од овој меч, сигурно се исплатеше“, рече Трејси.

Оукленд ќе одигра уште два меча на Светското клупско првенство, и тоа против Бенфика на 20 јуни, а потоа и против Бока јуниорс на 24 јуни.

- Оглас -

Најнови вести