Приморска го торпедираше МЗТ Скопје Аеродром

МЗТ Скопје Аеродром лошо ја отвори финалната серија во плејофот од АБА 2 лигата откако загуби со 93:71 во првиот меч против Приморска. Словенците сега водат со 1-0 во победи, во серијата подобар од пет. Екипата која прва ќе стигне до три победи, ќе обезбеди место во АБА 1 лигата за следната сезона.

Аеродромци само неколку минути во првата четвртина даваа отпор. Во седмата минута, МЗТ имаше предност од 17:15, но до крајот на првите 10 минути, Приморска со серија од 13:2 стигна до сигурна предност од 28:19. Во вторта четвртина домаќините ја зголемија предноста и на полувреме заминаа со предност од 53:38.

Ланс Кристофер Харис беше предводник на Приморска. До 29-тата минута, Американецот имаше погодено 7 од 10 шута за три поени, а целиот тим на домаќините беше со реализација 11 од 17 удари од далечина. Во тие моменти резултатот беше 71:51 и беше јасно дека Приморска ќе стигне до победа.

Последните 10 минути беа само формалност, а МЗТ ќе има шанса за реванш, и тоа утре, во истата сала во Копер.

Иве Иванов со 13 поени беше најпрецизен кај МЗТ, а потоа следуваа Бојиќ со 12, Стојановски 9, Медфорд и Вудард по 8 поени. Кај победникот најпрецизен беше Харис со 24 поени.

За МЗТ Скопје Аеродром ова е трет пораз во третиот меч против Приморска сезонава, но овој е највисок. Претходно МЗТ на гости загуби дури по продолжение, а во Скопје Приморска победи со еден поен разлика (77:78). Вечерва немаше никаква неизвесност.

 

- Оглас -

Најнови вести