Со победата над Дерби каунти од 2-1 во финалето на плејофот за влез во Премиерлигата, Астон Вила успеа да се врати во елитата, и да заработи околу 200 милиони евра. Најпознат навивач на Вила е принцот Вилијам кој беше и на трибините.
Астон Вила во 2016 година испадна од елитното друштво, а три сезони по ред играше во Чемпионшип и втора година по ред играше финале на плејофот за враќање. Лани не успеа во финалето на „Вембли“, денеска да.
Пред крајот на првото полувреме, холандскиот интернационалец Анвар Ел Гази убаво се уфрли по еден центаршут и иако сакаше да шутне со глава, топката го удри во рамото или грбот и за негова среќа, заврши во мрежата.
Потоа Џон Мекгин ја искористи големата грешка на голманот на Дерби и со глава погоди за 2-0 во 59 минута. Од 2012 наваму, немало финале за влез во Премиер во кое двата тима дале гол, и таа традиција заврши.
Џек Мериот кој влезе во игра во 63 минута, ја врати неизвесноста со погодокот во 82 минута. Иако се играа уште 15-тина минути после голот, и имаше жестоки напади кон голот на Астон Вила, резултатот остана 2-1 за клубот од Бирмингем.
Дерби каунти испадна од Премиерлигата во 2008 година, откако собра само 11 поени цела сезона. Дерби не успеа да стане втор тим во последните 13 сезони кој бил шести на табелата во Чемпионшип, а успеал да влезе во Премиерлигата.
Вила го победуваше Дерби во лигашките пресметки со 4-0 и 3-0, но сега беше понеизвесно во дуелот на некогашните долгогодишни соиграчи од Челзи, Џон Тери (помошник тренер во Вила) и Френк Лампард (тренер на Дерби).
Коментарите се затворени.