Шест тима во италијанската Серија А се изложени на ризик од забрана за потпишување нови играчи за време на зимскиот преоден рок, објавија италијанските медиуми. Клубовите кои потенцијално се засегнати со овој проблем се шампионот Наполи, потоа Аталанта, Лацио, Фиорентина, Торино и Џенова.
Причината е воведувањето на построги прописи поврзани со таканаречените „продолжени трошоци за труд“ – финансиски индикатор кој го мери односот помеѓу трошоците за плати и приходите на клубот.
Според сегашните правила, доколку тимот не пријави позитивен финансиски резултат или не генерира доволно приходи од продажба на играчи, нема да може да регистрира нови фудбалери.
Клубовите до денеска мора да ги достават своите финансиски извештаи, а врз основа на дадените информации, раководството на Серија А ќе одлучи дали да воведе ограничувања за трансфери.

