Хаотичната ситуација во редовите на германскиот шампион Баерн Минхен продолжува и последна серија во сапуницата е таа дека фудбалерите им го свртеа грбот на првите луѓе на клубот, извршниот директор Оливер Кан и спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ.
Весникот „Билд“ пишува дека фудбалерите не се во добри односи со Кан и Салихамиџиќ поради медиумските истапи на директорите во кои наведоа дека една од главните причини за отказот на поранешниот тренер Јулијан Нагелсман била таа што соблекувалната се свртела против него.
„Директорите ги искористија фудбалерите како жртвени јариња и тоа не им се допадна на самите играчи“, пишува „Билд“, кој додава и дека по смената на Нагелсман, голем број фудбалери зборувале само убави работи за него.
Ситуацијата во соблекувалната не му се допаѓа ниту на Надзорниот одбор на тимот, кој на 22 мај подготвува смена на Кан и Салихамиџиќ. На луѓето од Надзорниот одбор не им се допаѓа тоа што Кан постојано и без влакна на јазикот ги критикува фудбалерите за сите лоши резултати сезонава и не сака да ги признае сопствените грешки, а тоа се однесува и за Салихамиџиќ.
„Билд“ тврди дека веќе е пронајдена замена за нив двајца и нови главни оперативци на Баерн Минхен треба да бидат Кристијан Сеиферт и Оливер Минцлаф.