Репрезентацијата на Шпанија по четвртипат се искачи на врвот на фудбалска Европа, откако во финалето на Европското првенство во Германија ја совлада Англија со 2-1. Со тоа продолжува проклетството на англичаните, кои го губат и второто финале по ред, а Хари Кејн се уште останува без трофеј во кариерата.
После здодевното прво полувреме, фештата во Берлин започна после само 70 секунди во второто полувреме, кога Нико Вилијамс по асистенција на Ламине Јамал успеа да погоди за водство на Шпанија од 1-0. Англија уште долго ја немаше во натпреварот, се до 73-тата минута, кога Кол Палмер после одличната асистенција на Џуд Белингам донесе голема радост кај навивачите на „гордиот албион“ и израмни на 1-1.
Кога веќе сите се подготвуваа за продолженија, така не мислеше Микел Ојарзабал, кој прекрасната акција на шпанците ја круниса со погодок во 86-тата минута и нов трофеј за Шпанија.
Шпанија со тоа дојде до четвртата титула европски шампион, после оние во 1964-тата, 2008-мата и 2012-тата, додека Англија останува без трофеј од светската титула во 1966-тата година.