Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Бредли Баркола, се појави во кампот на француската репрезентација, но само да достави рендгенска снимка, која покажа дека има повреда, за да биде ослободен од обврските кон националниот тим. И покрај „оправдувањето“ дека е повреден, од Федерацијата стигна соопштение за состојбата на играчот.
„Бредли Баркола се појави во Националниот фудбалски центар во Клерфонтен и се консултира со д-р Франк ле Гал. Тој покажа хронична повреда на мускулот што се повтори на натпреварот против Аталанта (4-0) во Лигата на шампионите на 17 септември. Станува збор за повреда стара повеќе од три недели, но тоа не го спречи клубот да го користи во последните три натпревари – против Оксер, Барселона и Лил“, се вели во соопштението на Федерацијата.
Веднаш следуваше одговор од страна на ПСЖ преку социјалните мрежи.
„По натпреварот со Лил, дадовме информации за состојбата на Баркола и не станува збор за хронична повреда од натпреварот со Аталанта. ПСЖ, исто така, инсистира на тоа дека медицинската доверливост мора да се почитува во интерес на сите вклучени страни“, стои во соопштението на францускиот шампион.
Тензијата меѓу ПСЖ и Француската фудбалска федерација започна минатиот месец, кога поради повреди, повикот во националниот тим го одбија Усман Дембеле и Дезире Ду.