Продолжува војната: Шпанските фудбалерки кои триумфираа на СП нема да играат за репрезентацијата додека Рубијалес е прв човек на Федерацијата

Шпанската фудбалерка Џени Ермосо откако излезе во јавноста со веста дека од Фудбалската федерација на Шпанија (РФЕФ) и бил вршен притисок да излезе во јавност со изјава која ќе го оправда потегот на првиот човек на Федерацијата, Луис Рубијалес, кој ја бакна во уста, доби поддршка од колешките од репрезентацијата.

Сите 23 фудбалерки кои минатата недела триумфираа на Светското првенство откако во финалето со 1:0 ја совладаа Англија, преку синдикатот на шпански професионални фудбалери (ФУТПро) порачаа дека повеќе нема да играат за репрезентацијата на Шпанија, се додека Рубијалес е на чело на РФЕФ.

„Овој инцидент е само продолжение на долгата листа на ситуации кои ние фудбалерките ги пријавувавме изминатите години. Сегашниот случај во кој јас сум учесничка, само е капка која ја прели чашата. Тоа што го виде целиот свет беше наше секојдневие во репрезентацијата“, изјави Ермосо која има повеќе од 100 натпревари за Шпанија.

Фудбалерката потоа откри дека и бил вршен притисок од луѓе од РФЕФ да излезе во јавноста и да го оправда потегот на Рубијалес.

„Бев под постојан притисок да излезам во јавноста со некаква изјава и да го оправдам неговиот потег. И не само тоа, на разни начини преку различни луѓе, РФЕФ вршеше притисок врз моето семејство, пријатели и соиграчи за да изјавам дека тоа што се случи на победничкиот подиум нема никаква врска со моето гледиште на случајот. Репрезентацијата која е светски шампион не заслужува ваква манипулаторска и непријателска култура која сака да има контрола врз нас“, изјави Ермосо.

Откако Рубијалес изјави дека нема да си поднесе оставка иако се наоѓа под голем притисок од страна на шпанската влада предводена од премиерот Педро Санчес, како и од јавноста, тргна во офанзива и најави тужба против синдикатот на професионални шпански фудбалери, а исто така им се закани и на фудбалерките кои најавија бојкот на репрезентацијата.

„РФЕФ ја почитува одлуката на фудбалерките да не играат за репрезентацијата, но сите кои се регистрирани во Федерацијата имаат обврска да се стават на располагање на репрезентацијата кога ќе бидат повикани“.

 

- Оглас -

Најнови вести