Најпрестижниот натпревар во светот за најдобра спортска фотографија го организира „World Press Photo“ , а за минатата година победник е Марк Блинч, фотографот на НБА тимот Торонто репторс.
Фотката која победи, беше направена во мај 2019, на седмиот решавачки меч од полуфиналето на Источната конференција, кога играа Торонто и Филаделфија. При резултат 90-90, крилото на канадскиот тим Каваи Ленард, во последната секунда од средбата ја исфрли топката, таа неколку пати отскокна од обрачот, и на крајот влезе низ мрежичката, за голема радост на Рептилите кои подоцна ја освоија првата шампионска титула во најсилната кошаркарка лига на светот.
Блинч од висина го фати моментот како топката влегува во кошот, а на истата фотографија се гледаат и многу лица во исчекување на исходот. Половина секунда подоцна, во салата во Торонто почна огромна радост.