Го прогласија фудбалот за умрен!

Тектонски промени во европскиот фудбал се случија ноќеска, откако 12 од највлијателните клубови во Европа се согласија и потпишаа договор за формирање нова Суперлига. Според договорот, највлијателните и најмоќните клубови решија да се оделат и повеќе да не бидат дел од Лигата на шампионите на УЕФА, туку да формираат свое натпреварување од кое нема да може никогаш да испаднат.

Гигантите од Англија, Манчестер јунајтед и Сити, Ливерпул, Челзи, Арсенал, Тотенхем, шпанските Реал и Атлетко Мадрид, Барселона, и од Италија Јувентус, Интер и Милан ја потврдија соработката околу новото елитно натпреварување со кое ќе управуваат самите. Главна причина за создавање на оваа нова лига се парите. Клубовите очекуваат дека ќе заработат многу повеќе пари од тоа што во моментов го добиваат од УЕФА со настапите во двете најсилни натпреварувања кои се под капата на Европската фудбалска куќа.

ДИНАМО ЗАГРЕБ ПОКАЖА КАДЕ МУ Е МЕСТОТО НА ТОТЕНХЕМ

Според идејата, во Суперлигата ќе има екипи само од Топ 5 лигите, сметајќи се за најмоќни. Со оваа одлука, уште еднаш се потврди дека парите се тие кои се најзначајни во фудбалот. Доколку се гледа квалитетот, дел од клубовите кои сега потпишаа да бидат дел од Суперлигата не може да играат ниту во Лигата на Европа.

Тотенхем во последните 30 години има освоено само два трофеи, и тоа во Лига купот на Англија (1999 и 2008 година), а пред помалку од еден месец, лондонскиот тим од Лигата на Европа беше елиминиран од Динамо Загреб. Едноставно, тоа е клуб кој е далеку од елитата, што го покажува и моменталниот пласман во Премиер лигата (седмо место).

Арсенал е клуб со голема историја, со многу навивачи, со трофеи, но без квалитет во моментов. Топчиите се на деветото место во Премиер лигата и едноставно се далеку од нивото на најдобрите, а сега ќе бидат дел од Суперлига само затоа што се финансиски моќни.

Дури и навивачите на Арсенал се свесни дека оваа одлука е „смрт за нивниот клуб“, но и за фудбалот воопшто.

ЗАБОРАВЕНИ СЕ АЈАКС, ПОРТО, БЕНФИКА, КАДЕ СЕ И АТАЛАНТА, ЛИОН, ЛАЈПЦИГ…

На најбогатите воопшто не им е гајле за оние клубови кои ја создавале историјата на европскиот фудбал. Холандскиот Ајакс е четирикратен европски првак и фабрика за создавање нови таленти, но нема моќ да биде во новоформираната елита. Тука се и Порто и Бенфика, кои по двапати биле на европскиот трон. Порто годинава го исфрли Јувентус од ЛШ, а секоја година освежување во елитното натреварување носат екипи како Аталанта, Олимпик Лион, Лајпциг. Токму овие три клуба лани беа дел од четвртфиналето, потврдувајќи дека имаа квалитет за да бидат меѓу најдобрите, иако финансиски се далеку зад најмоќните.

Со формирањето на Суперлигата, едноставно се уништува вистинскиот ривалитет во фудбалот, ќе ја нема борбата во домашните првенства да се биде дел од најдобрите во Европа, ќе ги „утепаат“ сите оние клубови од Русија, Швајцарија, Австрија, Хрватска, Србија, Чешка… кои редовно имаат учесници во групната фаза од елитното натпреварување, додека Арсенал, Јунајтед и Тотенхем веќе ги навикнавме да ги гледаме во Лигата на Европа затоа што немаат квалитет да бидат дел од европската елита.

Едноставно, новоформираната Суперлига во фудбал носи кон умирање на најважната споредна работа во светот каква што беше досега. И во фудбалот започнува да се создава едно „Ново нормално“!

 

- Оглас -

Најнови вести