Проговори данскиот селектор: Глупости се дека намерно загубивме од Франција за да играме со Шпанија

Данска и Шпанија ќе играат во меч за пласман во финалето на Европското ракометно првенство, а Данците ги загубија симпатиите кај неутралните навивачи, откако изгубија од Франција во последното коло од групната фаза.

Со тој пораз, Данска ја одбра Шпанија за ривал во полуфиналето, а Шведска ја остави да оди на мегдан со Франција. Многумина коментираа дека Данците калкулираа и намерно загубија од Франција во меч на којшто водеа речиси цел дуел, а на 13 минути до крајот имаа и пет гола предност.

Сепак, селекторот на Данска, Николај Јакобсен, конечно проговори за тој меч и ги демантираше сите шпекулации околу намерен пораз на неговата селекција.

„Го дадовме максимумот против Франција и стојам зад овие зборови. Бесмислени се приказните дека намерно сме загубиле за да ја добиеме Шпанија во полуфиналето, а не Шведска. Шпанија е тим со одличен спој на младост и искуство, со одличен тренер. Тоа може да се каже и за Шведска, па затоа не гледам логика во обвинувањата. За нас најважно беше да се пласираме во полуфиналето. Очекувам во мечот против Шпанија да решат ситни детали“, вели Јакобсен.

- Оглас -

Најнови вести