Проклетството завршува: Се одбројуваат деновите кога Хари Кејн ќе се израдува на првиот трофеј

Речиси една деценија Хари Кејн е еден од најдобрите голгетери во светот. Англискиот репрезентативец е незадржлив за противничките одбрани, има постигнато многу голови, но Кејн уште се нема израдувано на ниту еден трофеј.

Како играч на Тотенхем, Кејн два пати играше во финале на Лига купот во 2015 и 2021 година. Со англискиот тим играше и во финалето на Лига на шампиони, но и таму загуби и остана без пехар.

Пред две сезони, Кејн направи трансфер во Баерн Минхен. Најтрофејниот клуб во Германија постојано освојуваше трофеи, а во сезоната кога дојде Кејн, ниту еден трофеј не дојде во витрините на тимот од „Алијанц Арена“.

Сезонава, патот одеше во иста насока, откако Баерн беше елиминиран од Купот, го загуби Суперкупот, а во Лига на шампиони настапот го заврши во четвртфиналето.

Сепак, има една светла точка за Баерн и Кејн. Баварскиот гигант е лидер во Бундеслигата и има 72 бодови, а втор е Баер Леверкузен со 64 бодови. Фармацевтите вчера одиграа само 1:1 против Сент Паули и сега заостануваат дури осум бода зад Баерн и тоа на четири кола до крајот.

Ако Баерн победи во следното коло, а Баер Леверкузен не триумфира, разликата ќе биде 10 бодови на три кола до крајот, што значи дека баварскиот гигант со Хари Кејн во составот ќе се израдува на пехар во германското првенство.

- Оглас -

Најнови вести