Пролетното сонце го огреа женскиот спорт во Македонија (Фото)

Денешната победа на женската фудбалска репрезентација на Македонија против Летонија од Лига Ц од Лигата на нации, е уште еден успех за женскиот спорт кај нас и покажува дека некогаш неправедно ги потценуваме и ставаме во сенка спортистките од понежниот пол.

Викендов ракометарките обезбедија пласман на Европско првенство, во ноември и декември годинава ќе играат на ЕП, што е голем успех со оглед на состојбата во која е женскиот спорт во Македонија.

Раководството на РФМ денеска оствари средба со женската репрезентација. Претседателот Живко Мукаетов им се заблагодари на ракометарките и на стручниот штаб за севкупното залагање и придонес за пласманот, напоменувајќи дека во овој квалификациски циклус се отиде чекор напред, покажаа дека вредат и местото им е учество на завршниот континентален турнир.

Имајќи предвид дека женската ракометна репрезентација успеа да се пласира на ЕП преку квалификации по цели 12 години, УО на РФМ претходно донесе одлука за пласманот на ЕП женската национална селекција да добие награда во износ од 2 милиони денари.

Последниот натпревар од квалификацискиот циклус со селекцијата на Литванија, ќе се одигра на 7 април (недела) од 18 часот во СЦ „Борис Трајковски” , а влезот во салата е слободен. РФМ повикува да им се даде поддршка на девојките и заеднички да го прославиме пласманот на ЕП 2024.

Денеска, Александар Андов со победа дебитираше како селектор на женската фудбалска сениорска репрезентација на Македонија, совладана е Летонија со 4-3 и тоа на гости, во дуел од Лига Ц од Лигата на нации.

За најдобрите македонски фудбалерки, ова е прва победа од октомври 2022 наваму. И тогаш беа подобри од Летонија, па заслужуваат да се радуваат бидејќи триумфите се реткост.

За четири дена Македонија игра со Словенија, која денеска истотака со победа ги стартуваше квалификациите.

- Оглас -

Најнови вести