Ракометарите на Бахреин пропуштија шанса да го шокираат актуелниот светски вицепрвак Шведска, во првото коло од олимпискиот турнир.
Шведска беше апсолутен фаворит за победа и добро започна и по само 10-тина минути имаше водство од 10:5. Сепак, Бахреин не само што не се предаде, туку до полувремето успеа да направи целосен пресврт и по 30 минути, азијската репрезентација имаше предност од 18:16.
Бахреин го контролираше резултатот во текот на целото второ полувреме, а Шведска постојано беше во заостанување од 1-2 гола. На шест минути до крајот, Бахреин водеше со 31:29, кога започна драмата. На две минути до крајот беше 31:31, а Бахреин потоа ја загуби топката, за Шведска во контра напад да стигне до првото водство во второто полувреме од 32:31.
Бахреин го имаше последниот напад, а судиите буквално во последната секунда досудија пенал. Аутсајдерот имаше шанса да стигне до реми, но шведскиот голман го одбрани ударот од 7 метри и Шведска на крајот победи минимално, спречувајќи го првото големо изненадување на ракометниот турнир.
Драматично беше и на дербито меѓу Германија и Шпанија, а на крајот Црвената фурија се радуваше со 28:27. Двете екипи во текот на мечот имаа максимална предност од три гола, а во финишот се влезе со 26:26. Германија поведе со 27:26, но потоа Шпанците со добра одбрана и прецизни два напади успеаа да направат пресврт и да победат со 28:27.
Во останатите мечеви кои се одиграа на ракометниот турнир: Норвешка – Бразил 27:24, Франција – Аргентина 33:27.