Промени во Тетекс: Радески не е повеќе тренер, кормилото го презеде капитенот Стојковски

Второлигашот Тетекс од Тетово речиси сигурно е македонски рекордер, можеби и пошироко, бидејќи во пролетниот дел од сезоната ќе биде предводен од нов тренер, седми во последните 18 месеци.

Текстилците и досегашниот шеф на стручниот штаб, Даниел Радески, спогодбено се разделија, а во продолжение од сезоната на кормилото на Тетекс ќе биде капитенот Трајче Стојковски, кој ќе продолжи и да игра за тетовскиот второлигаш.

„Спогодбено се разделивме со раководството, едноставно имавме различни погледи на иднината. Им благодарам на сите во клубот, на раководството и на фудбалерите за одличната соработка. Секако, голема благодарност и до навивачката група Војводи за подршката“, кусо прокоментира Даниел Радески, сега веќе поранешниот тренер на Тетекс.

Минатата сезона Тетекс ја започна под водство на Бојан Захариев, па продолжи Даниел Радески, а на негово место дојде Љупчо Димовски. Полусезоната ја заврши Дејан Савески, додека во пролетниот дел од минатата сезона Текстилците беа предводени од Љупчо Марковски. Што се однесува до тековнава сезона, Даниел Радески ја доби довербата да ја води екипата, па потоа на клупата седна и Филип Деспотовски, а есенскиот дел го заврши повторно Радески.

Трајче Стојковски го презеде клубот на 11-тата позиција со 18 бода, шест повеќе од бараж-зоната, односно со +7 од опасната зона и ќе се обиде да плови во мирни води и без турбуленции.

- Оглас -

Најнови вести