По 40 години е пронајден дресот што Диего Армандо Марадона го носеше на 5 мај 1984 година на неговиот последен натпревар за Барселона, во финалето на Купот на кралот против Атлетик Билбао на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид.
Дресот ќе биде ставен на аукција на 28 октомври, а почетната цена ќе биде 30.000 долари.
Баскијците победија со 1-0, а тој меч се памети по жестоката масовна тепачка на терен која ја почнаа Марадона и Гојкоечеа (овој фудбалер неколку месеци претходно му го скрши глуждот на Марадона, што е една од најтешките повреди кои ги имал Диего во кариерата). Во тепачката дресот на Марадона беше искинат.
„Не продаваме оштетени маици на аукција, но овојпат ќе направиме исклучок. Ова е врвен бисер“, објави „Мечдеј Фудбал Аукции“ на „Инстаграм“.
„Перфил“, весник од аргентинскиот град Кордоба, детално го реконструира настанот:
„Дресот што го носеше Диего тој ден бил земен од вработена во пералната на Барселона. Бидејќи не можеле да го поправат, вработената го задржала и го ставила во багажник. Потоа таа жена му го дала дресот на синот. Тоа семејство го чувало речиси 40 години, а синот на жената ни го понуди. Ја потврдивме автентичноста и отпатувавме во Барселона за да го земеме“, велат од аукциската куќа.