Пропаѓа ли кариерата за миг на германскиот судија Феликс Брих? Ова прашање веројатно го поставува секој пасиониран љубител на фудбалот по новата контроверзна судиска одлука на 43-годишниот адвокат со знакот на ФИФА.
Брих без двоумење, по консултација со еден од помошните судии, го исклучи Кристијано Роналдо во 29-тата минута на дуелот од Лигата на шампионите меѓу Валенсија и Јувентус.
Вистина е дека Роналдо неспортски реагираше, но директен црвен картон во рана фаза од мечот за еден од најдобрите играчи на сите времиња е престрога одлука. Размислуваше ли Брих за својата кариера, која веќе е начната со лошата арбитража на Мундијалот во Русија ова лето?. Тогаш одби да го косултира системот ВАР на мечот меѓу Србија и Швајцарија и ги оштети Србите за чист пенал над Александар Митровиќ.
Тврдоглавоста, еден од најдобрите европски судии ја плати скапо и повеќе не судеше на Светското првенство во Русија. А, требаше само да направи неколку чекори до системот за репетиција на спорните моменти, или популарниот ВАР, за да постапи правилно.
Веројатно и вчера на „Месталја“ избрза со одлуката. Особено што се работеше за деликатен момент. Роналдо го доби првиот црвен картон по 154 натпревари во Лигата на шампионите.
Се работи за играч, кој е најдобар стрелец во историјата на ова натпреварување, за фудбалер кој оставил траен печат во најскапото фудбалско натпреварување на планетата. И за човек, кој вчера дебитираше за Јувентус во ЛШ. На „свој терен“, во Шпанија, земјата која го катапултираше во фудбалските легенди, со блескавите игри и безброј голови во дресот на Реал Мадрид.
„Месталја“ знае да биде жешка, навивачите на Валенсија бараа жртва, а немаше подобра на теренот од Кристијано Роналдо. Но, затоа Брих требаше да биде со студена глава. Да донесе одлука во корист на фудбалот, во корист на милионите љубители на фудбалот, кои со големо внимание го чекаа и го следеа дебито на Кристијано во својот нов тим.
Ќе беше и правилно и многу едноставно Брих да му покаже жолт картон на Роналдо, па и да го повика на страна со совет да се смири. И тоа е дел од „агендата“ на врвните судии, но Брих сè поретко е од тој калибар во последно време.
Сега останува на УЕФА да донесе одлука за германскиот адвокат со знакот на ФИФА. Се работи за арбитер кој има 43 години и судел многу тешки мечеви, меѓу нив и финале во Лигата на шампионите (Реал Мадрид – Јувентус, 2017 година, н.з) но, ако одлуката биде негативна за Брих, кариерата ќе му биде готова. Ја начна со лошата одлука на Мундијалот во Русија, а може да си ја запечати со веројатно еднакво лошата, што ја донесе со исклучувањето на Роналдо на жешката „Месталја“ вчера, во меч од првото коло во Лигата на шампионите.