Протече кровот од 100 милиони евра на „Енфилд“ (Видео)

Фудбалерите на Ливерпул и Манчестер Јунајтед приредија вистинска фудбалска драма во 20-то коло од англиската Премиер лига, која заврши со поделба на бодовите и резултат 2-2.

Одбраната на Ливерпул, која обично се истакнува со својата сигурност, овојпат беше далеку од својот препознатлив стил. „Протекувањето“ во дефанзивната линија на домаќините му овозможија на Јунајтед неколку одлични шанси, со кои можеше да стигне и до победа, а шансата на мечот ја пропушти Хари Мегваер во последните мигови.

Сепак, на „Енфилд“ не протекуваше само одбраната на Ливерпул. Во текот на натпреварот, дождот кој почна силно да врне, заедно со топењето на снегот што се натрупал на кровот, предизвика да протече вода на трибините. Ова предизвика револт кај навивачите, кои беа принудени да го следат натпреварот под кабаници.

Иако постоеше можност натпреварот да биде одложен поради обилниот снег во Ливерпул, теренот и пристапите кон стадионот беа навремено исчистени. Но, лошите временски услови, комбинирани со неодамнешните реновирања на трибината „Anfield Road Stand“, кои чинеа 100 милиони евра, доведоа до пропуст на кровната конструкција. Сцените од трибините брзо станаа вирални, привлекувајќи внимание во Велика Британија и пошироко.

- Оглас -

Најнови вести